• office@redi-ngo.eu

Настан за вмрежување на РЕДИ

Настан за вмрежување на РЕДИ

На 4 октомври 2022 година, во Скопје, Здружението Иницијатива за Економски Развој на Ромите – РЕДИ одржа настан за вмрежување во хотелот „Лимак“. Настанот беше спроведен како дел од проектот „ЕУ поддршка за РЕДИ: Унапредување на ромските претприемачи во Западен Балкан“, финансиран од Европската Унија.

На настанот присуствуваа ромски претприемачи од Северна Македонија и од Србија со цел да се воспостави нова меѓународна мрежа меѓу претприемачите што е во фокусот на РЕДИ Бизнис Клубот. Целта на овој настан беше и креирање на документ со препораки за подобрување на бизнис климата кој во име на РЕДИ Бизнис Клубовите ќе биде предложен до релевантните државни институции.
Во таа насока се дојде до развивање на неколкучасовна дискусија на три важни теми во која главниот збор го имаа токму претприемачите, а тоа се:

  • Зелена економија,
  • Дигитална трансформација,
  • Пристап до финансии.

Настанот започна со претставување на дневната агенда од страна на проектниот менаџер на РЕДИ, Горјан Славковски, по што се надоврза и Жарко Савиќ, бизнис фасилитаторот и претставник на РЕДИ Србија. Потоа претприемачите накратко се претставија себеси и своите бизниси, односно кратката историја на нивните почетоци како претприемачи и сферата во која дејствуваат.

Рециклажни претпријатија, земјоделски друштва, друштва за транспорт, текстилна индустрија, фризерски салон, беа само дел од бизнисите претставени од страна на ромските претприемачи, што го олесна процесот на пронаоѓање идеи и нови решенија за поуспешно функционирање, развој и надоградба на самите бизниси од трите горенаведени аспекти.

За дискусиите на темите, претприемачите беа поделени во три групи со ротација на секоја од нив, и со помош на одговорните бизнис фасилитатори наведоа повеќе потточки кои според нив се важни да се имплементираат со цел да се олесни работата во одредени сектори:

  • Поголем пристап до ЕУ фондови за ромските претприемачи, намалување на каматната стапка за кредит и зголемување на грејс периодот во банките, се истакнаа како најважните промени во делот Пристап до финансии.
  • Од делот Зелена Екомонија (ЗЕ), субвенции за набавка на машини (опрема) изработени по еколошки стандарди, односно одржување на обуки за ромските претприемачи коишто работат во областа на ЗЕ, се издвоија како потточки на кои треба да се посвети повеќе внимание во иднина.
  • Oбезбедување на фонд за дигитална трансформација на бизнисите, како и обуки за алатките за користење на социјални мрежи (промоција, маркетинг, брендирање), беа приоритетните потточки во областа на Дигиталната трансформација.

Настанот продолжи и заврши со посета на единствената ромска општина во Европа, Општина Шуто Оризари, каде што претприемачите имаа можност да се запознаат и разговараат со градоначалникот Курто Дудуш – Куцо.

Настанот беше спроведен како дел од проектот „ЕУ поддршка за РЕДИ: Унапредување на ромските претприемачи во Западен Балкан“, финансиран од Европската Унија.